Loading...

Интервју со првенецот на генерацијата магистри по нуклеарна хемија на Софискиот Унивезитет – Трајче Тушев

Екипата на studirajbg.com имаше чест да направи интервју со првенецот на генерацијата магистри по специјалноста нуклеарна хемија за учебната 2023/2024 година – Трајче Тушев. Роден во Радовиш, Македонија, Трајче своето високо образование го стекна во Република Бугарија, каде со извонреден успех ги заврши магистерските студии и се истакна како најуспешен студент во својата генерација. Во продолжение ви го пренесуваме разговорот со него, во кој зборуваме за неговиот академски пат, мотивацијата, предизвиците и плановите за иднина.

1. Како за почеток кажи ни нешто повеке за себе?

Се викам Трајче Тушев, имам 25 години и доаѓам от Радовиш, Република Северна Македонија. Во моментот живеам во Софија, каде што дипломирав на Софискиот Универзитет „Св. Климент Охридски“ при Факултетот по хемија и фармација. Дипломирав на две паралелни студиски програми: нуклеарна хемија, како и наставник по хемиски науки и зачувување на животната средина. Минатата година ја завршив магистерската програма и се здобив со академскиот образователен степен магистер по нуклеарна хемија. Во моментот се занимавам со научна дејност и работам како асистент во Институтот по општа и неорганска хемија при Бугарската Академија на Науките.

2. Што те натера да ја одбереш Бугарија за студирање и како се вклопи во новата средина по пристигнувањето?

Одлучив да студирам во Бугарија, воден од желбата за поквалитетно образование, да напредувам лично и професионално во научно-академскиот свет и да имам достап до најсовремените услови за развој во областа на хемијата. Дополнителна причина беше и нејзината географска близина до мојот роден крај, што ја направи промената лесна и попрактична. Брзо се вклопив во новата средина, бидејќи лесно воспоставувам комуникација и соработка со луѓе, без разлика на нивната националност, вера и културно потекло.

3. Што ве инспирираше да студирате нуклеарна хемија и зошто ја избравте Бугарија за вашето образование?

Инспирацијата да изберам нуклеарна хемија, произлегува од мојот длабок интерес за природните науки и нивната примена во решавање на критични општествени и технолошки предизвици. Нуклеарната хемија нуди реални применливи области и уникатна можност за развој на иновативни методи за изработка на радиоизотопи со ефективна примена во медицината, производство на безбедна и еколошка енергија од атомните централи, заштита на населението од нуклеарни катастрофи и многу други. Одлучив да го продолжам своето образование во Бугарија бидејќи овде има богата академска традиција во областа на хемиските науки, а самиот Софиски Универзитет нуди одлични услови за напредно лабораториско образование, интердисциплинарна обука и истражувачка поддршка.

4. Како се прилагодивте на животот и студискиот процес во Софија по доаѓањето од Република Северна Македонија?

Секоја промена на средина по еден или друг начин носи предизвици и представува значаен чекор во личниот живот на секој човек. Од самиот почеток бев силно мотивиран и отворен кон новата средина, така што брзо ја прифатив динамиката на животот во еден поголем и активен град како Софија. Близината на културите, заедничките историски и јазични црти, како и срдечниот прием од страна на луѓето овде, придонесоа да се интегрирам уште од привите месеци. Студискиот процес во рамките на Софискиот Универзитет, одговараше на моите научни интереси и ми овозможи да добијам позитивно искуство исполнето со можности за многу брз развој. Условите коишто ги нудат овозможуваат на секој да се вклопи брзо во образовниот систем без пречки и истовремено да го унапреди своето знаење и истражувачки вештини. Брзата адаптација на новата средина е резултат на мојата подготвеност да се соочам со промените, како и на поддршката што ја добив од академската заедница и пријателите што ги стекнав овде.

Trajce-Tusev

5. Како го оценувате вашето магистерско образование по хемија во Бугарија? Со какви предизвици и можности се соочивте за време на студиите?

За рекорден период од девет месеца се стекнав со титулата магистер по нуклеарна хемија преку одбраната на мојата научна теза „Рендгенофлуоресцентна анализа и правлива рендгенска дифакција за карактеризација на фосфатни катодни материјали“. Сведоштво за исклучителното висококвалитетно и продуктивно образование е универзитетска награда што ја добив за највисок просек во академската 2023/24 г., заедно со доделувањето на златна значка од Софискиот Универзитет „Св. Климент Охридски“. Магистерско образование по хемија во Бугарија е едно од највисоките и највредните нивоа на образование од целиот регион со јасно структурирана теоретска основа и богата практична примена во лабораториски услови и возможности да се видат и разберат многу сложни системи и современи аналитички техники. Еден од предизвиците со кој се соочив беше интензивното темпо на студиите и континуираната работа на научни проекти паралелно наставата. Сепак со дисциплина, прецизност и самостојно истажување секој предизвик прераснува во рутина. Од друга страна, можностите се многубројни – учество во истражувачки и апликативни научни теми, како и активно вклучување во академски и професионални мрежи со експерти од различни научни области.

6. Дали главниот град на Бугарија и градот каде што студирате нудат дополнителни можности за истражување? Дали сте учествувале во вакви проекти?

Студирањето и научното истражување во главниот град Софија за мене представува вистинска предност, бидејќи овој град како академски и научен центар нуди многу повеќе можности за вклучување во современи истражувачки проекти и меѓународна соработка. Софија располага со бројни институти, факултети и лаборатории опремени со најсовремена технологија, што овозможува поголем простор за научен развој и размена на знаење. Додека студирав, учествував во еден голем меѓународен проект за радиоизотопно датирање на коски од мамут, а сега во моментот сум вклучен во два интернационални проекти со цел да се изгради единствена инфраструктура за развој, тестирање, оптимизација и индустриско воведување на модерни системи за мобилност и складирање на енергија преку батерии.

7. Дали универзитетот ги поддржува студентите во нивниот кариерен развој? Кои ресурси или услуги ги нуди?

Софискиот Универзитет „Св. Климент Охридски“ секогаш стои зад одлуките на студентите и постојано ги подржува во нивниот кариерен развој и активно создава услови за нивно професионално насочување и усовршување. На разполагање се различни кариерни центри кои организираат работилници, обуки и индивидуално советување за секаков вид потреба и подготовка. Универзитетот редовно организира саеми за кариера, каде што студентите имаат можност да се сретнат со представници од индустријата, научни институтации и потенцијални работодавачи. Дополнително, преку академски менторства, практикантски програми и вклучување во научни проекти, студентите добиваат практично искуство и јасна насока во градењето на својата професионална патека.

8. Кои се твоите планови по магистрирањето? Дали сакате да останете и да работите во Бугарија или да се вратите во Македонија?

Веднаш по завршувањето на магистерските студии, донесов свесна одлука да останам во Бугарија и да го продолжам својот научно-истражувачки пат во Бугарската Академија на Науките. Мојата цел е да се издигнам многу повисоко низ академските степени и да придонесам активно во развојот на современите научни истражувања во областа на хемијата, енергетските технологии и нуклеарната хемија. Сепак, не ја исклучувам множноста еден ден да се вратам во Македонија – татковината секогаш се носи во срцето и би се радувал доколку можам да придонесам на било кој начин за нејзиниот академски и технолошки напредок. Меѓутоа, во моментот, природниот тек на мојот професионален развој ме поврза да останам во истражувачката заедница на Бугарија, каде што се чуствувам ангажирано, исполнето и ценето.

9. Како го доживеавте преминот од студентскиот живот кон професионалната реализација во Бугарската академија на науките? Со што се занимавате таму и какви перспективи гледате за понатамошен развој?

Благодарение на тоа што уште од 2022 г. започнав да работам како лаборант во Институтот по општа и неорганска хемија при Бугарската Акедемија на Науките, постепено се интегрирав во таа средина, што ми овозможи природен и стабилен премин од студентскиот кон професионалниот живот. Во 2023 година бев назначен за хемичар, а во 2024 година ја стекнав својата прва академска должност – асистент, со што официјално го добив и научното звање „научник“ и бев впишан во Регистарот на академичниот состав на Република Бугарија. Досега сум коавтор на два научни труда, кои се презентирани на над 20 меѓународни конференции, вклучувајќи во Франција, Германија, Шпанија, Португалија, Австрија и други земји. Воедно, сум активен член на Општото научно собрание на младите научници при БАН и Општото собрание на Институтот по општа и неорганска хемија каде што придонесувам кон унапредување на научната заедница и развој на младите истражувачи. Во рамките на мојата работа, се занимавам со проучување и развој на напредни материјали за складирање на чиста енергија, со фокус на електродни материјали за натриум-јонски батерии и суперкондензатори. Истражувањето опфаќа синтеза, комплексна структурна и електрохемиска карактеризација, како и развој на иновативни методи за контрола на составот и својствата на материјалите. Целта е создавање на ефикасни и стабилни електродни материали за батерии. Продолжувам активно со понатамошниот развој – како во академски, така и во применет научен контекст. Верувам дека преку континуирано учење и истражување, можам да придонесам кон развојот на енергетски ефикасни технологии и да изградам долгорочна кариера во науката.

10. Кои се вашите цели за во иднина и како завршувањето на вашето образование во Бугарија ќе ви помогне да ги реализирате?

Моите академски и професионални аспирации се длабоко вкоренети во областа на научното истражување на високото образование. По завршувањето на моите универзитетски студии, имам намера да продолжам на докторски студии при Институтот по општа и неорганска хемија – БАН. Истражувачката дејност ќе биде фокусирана на развојот на катодни материјали базирани на железен фосфат за натриум-јонски батерии, кои представуваат едно од најперспективните и еколошки решенија за складирање на енергија. Покрај оваа научноистражувачка работа, активно ќе се залагам за дисеминација на резултатите од моите истражувања преку учество на различни научни конференции и трудови. Цврсто верувам дека размената на знаење и интердисциплинарната и интернационалната соработка се клучни фактори за унапредување на науката и создавање на долгорочно влијание врз општеството. Активно ќе се залагам и за афирмирање на хемиските науки меѓу младите генерации и воведување и развој на нуклеарната хемија во Република Северна Македонија како област која е сè уште недоволно развиена, но поседува значаен потенциал за примена во енергетиката и медицината. Верувам дека преку стратегиска поддршка и научна иновација, оваа дисциплина може да стане клучен фактор за технолошкиот напредок и енергетската стабилност на регионот. Бугарија нуди пристап до софистицирани лаборатории, менторство од водечки истражувачи во областа и професионална научна дејност за лично надградување, критичко размислување и истражувачка етика.

11. Каков совет би им дале на новите кандидат студенти кои сакаат да студираат во Бугарија?

Мојот најискрен совет до сите идни студенти кои размислуваат да го продолжат своето образование во Бугарија е да го следат својот внатрешен порив, без страв и двоумење. Образованието не е само академски пат — тоа е искуство кое ве изградува и како човек, и како професионалец. Особено во полето на природните науки, и покрај нивното суштинско значење за технолошкиот и општествениот развој, денес сè почесто се маргинализираат во интересот на младите генерации. Овој тренд е загрижувачки, со оглед на тоа што овие науки претставуваат основата на едно здраво општество. Денес, хемијата не е само наука – таа е јазикот на иновациите, темелот на секоја нова технологија, и срцето на решенијата што ќе го обликуваат утрешниот свет. Науката бара посветеност, но возвраќа со длабока лична и професионална исполнетост, затоа секогаш велам дека хемијата не е само формули и реакции, таа е начин на размислување и начин да се разбере светот во неговата суштина. Со изборот на било која природна наука, младите не само што инвестираат во својата иднина, туку стануваат и активни чинители во изградбата на одржливо и научно поткрепено општество. Бугарија, како земја со силна научна традиција и отворена академска заедница, претставува одлична средина за таков развој.

----------------------------------------------------------------------------

Доколку и вие сакате да кандидатствувате за студирање во Бугарија, овде е објаснета целата процедура:

Уписи во Р.Бугарија